Рецензија: Кавалот, изборите и лошото новинарство

[Рецензија: (ФОТО) Синот на Силјановска Давкова фатен како свири на кавал во Градски парк за пари]

Сторијата за синот на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, кој свири на кавал, беше доста коментирана и споделувана во изминатиот период, но начинот на кој таа сторија беше обработена укажува на манипулација и злоупотреба на медиумскиот простор. И, додека сè уште се полемизира дали самата провокација на Твитер, всушност, е дел од однапред смислена ПР-стратегија, или се работи едноставно за невкусен коментар на поединец на социјална мрежа кој добил публицитет поради фокусот на јавноста врз претседателските кандидати во пресрет на изборите, паѓа в очи дека медиумите оваа предизборна приказна ја проследија мошне површно и без да ги запазат стандардите на професионалното известување.

Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Синот на Силјановска Давкова фатен како свири на кавал во Градски парк за пари

Датум и време на објавување: 20.3.2019

Датум на рецензирање: 27.03.2019

Рецензент: Југослава Дуковска

 

Информацијата дека синот на професорката Силјановска, наводно, се однесува асоцијално се темели на еден единствен твит во кој на мошне груб, нецивилизиран начин се оцрнува член на фамилијата на кандидатката на опозицијата.

Извесен твитерџија „Висока Планина“ на 20 март го објави следниов твит:

Го раѓаш, го растеш, го чуваш за да порасне и свири кавал за парички во парк, додека ти се тркаш за претседателска фотелја. Каква фамилија @gogamkd !,

во кој се коментира фотографија на која се гледа синот на Гордана Силјановска седнат на клупа во парк, како свири на кавал, окружен со деца.

Ова предизвика бројни реакции како на мрежата Твитер, така и на Фејсбук, при што речиси едногласно беше осуден како непринципиелен и злобен напад, кој го надминува она што се смета за „нормален“ интерес на јавноста за приватниот живот на претседателските кандидати.

Текстот што го рецензираме се базира на реакцијата на Гордана Силјановска на веќе спомнатиот широко споделуван и коментиран твит, при што е пренесена нејзината изјава:

Како граѓанин и уште повеќе како професор, уште пред да влезам во претседателската трка, знаев дека кампањата ќе биде валкана. Знам дека за политичките страсти понекогаш нема ни врв ни дно, свесна бев дека со стапување на политичката сцена на удар ќе бидам изложена не само јас, туку и моето семејство. Хајката од вчера продолжува со удари врз децата.

Самиот напис навидум не зазема страна бидејќи само наведува дека невообичаеното однесување на синот Павле некои го сметале за „девијантно  и субкултурно“, додека кај други предизвикал симпатии и поддршка. Затоа, пак, насловот е мошне сугестивен и осудувачки: „(ФОТО) Синот на Силјановска Давкова фатен како свири на кавал во Градски парк за пари“, при што „фатен“ отворено сугерира како навистина да се работи за незаконско дејство или некаква постапка за осудување.

Она што веќе на прв поглед пречи од аспект на почитувањето на новинарските правила, е што во овој напис (еднакво како и во сите други што беа објавени на истава тема) не е направен обид да се добие изјава од „главниот актер“ во приказната, синот на професорката Силјановска. Па, тој лично да се праша зошто свири кавал во Градскиот парк, дали на тој начин заработените пари ги задржува за себе или ги дава за добротворни цели (како што по социјалните мрежи се шпекулираше, а медиумите само немо пренесоа), ако веќе е проценето дека тие информации ќе бидат од значење за јавноста.

Впрочем, не се работи за малолетно лице кое не може да даде објаснување за своите постапки, ниту за лице недостапно на медиумите, туку за возрасен човек од кој е можно да се побара изјава. Наместо тоа, се оди само со реакцијата на професорката Силјановска во која таа зборува за валкана кампања и го брани својот син, па сè се сведе на површно прераскажување на еден (наводен) скандал.

Доколку фокусот бил насочен кон приватниот лик на политичарот, вистинското новинарство би подразбирало истражување на вистината за овој случај, кој само навидум се сведува на еден неумесен твит. Во таа смисла, вистинско новинарство е „ископаната“ информација (Канал 77) за тоа дека синот на професорката Гордана Силјановска седум години бил член на управен одбор на ЈП „Злетовица“, во времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Што, пак, фрла ново, поинакво светло на претседателската кандидатка на оваа партија, претставена како „надпартиска“, но тоа во написот кој го рецензираме не постои.

Ваквата бегло проследена приказната за Павле, синот на професорката Силјановска, укажува на трендот приватниот живот на политичарите кај нас да се следи непринципиелно и сензационалистички, без притоа да се земе предвид вистинскиот интерес на јавноста, која има право да го запознае приватниот лик на политичарот и преку него да донесува суд за вредностите кои нему му се блиски.

Останува дилемата дали патот што го изоде оваа предизборна епизода – социјални медиуми – реакција на Силјановска – медиуми, сепак е масло на ПР тимовите? И тука има спротивставени ставови, според едните – власта сакала да ја оцрни кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, додека другите пак,  тврдат дека во партијата што ја поддржува е искреиран случај во кој Силјановска може да поентира на скромноста и доблесноста на своето семејство.

Но, едно е сигурно, овојпат, медиумите не беа воопшто на висина на задачата.

 

Написот е објавен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој го спроведуваат Метаморфозис и Евротинк, со финансиска поддршка од ЕУ.

Написот е преземен од сајтот на КриТинк.