Јавен повик до граѓански организации за доделување грантови

Македонскиот центар за меѓународна соработка во рамки на проектот Граѓански ресурсен центар објавува јавен повик за доделување партнерски грантови за организациско јакнење.

Целта на овој повик е зајакнување на капацитетите на мали организации кои делуваат на локално ниво со поддршка на други поразвиени граѓански организации преку партнерство, соработка и заедничко учење.

Со овие грантови ќе бидат поддржани заеднички апликации на мали организации/корисници на менторска поддршка и развиени/менторски организации, при што менторската организација ќе ги зајакнува капацитетите и ќе обезбеди поддршка во процесите за подобрување на внатрешната структура и за организациско јакнење на малите локални организации/корисници на менторската поддршка.

Целокупниот износ на финансиски средства кој е на располагање во рамките на овој повик за партнерски грантови изнесува 24.000 евра (1.476.000,00 МКД), а ќе бидат доделени најмалку осум грантови со

  • минимален износ: 2.000 евра (123.000 МКД);
  • максимален износ: 3.000 евра (184.500 МКД).

За овој повик организациите кои ќе поднесат предлог-проект не се обврзани да обезбедат кофинансирање.

Времетраењето на проектите треба да биде најмалку  шест, а најмногу девет месеци.

Рокот за поднесување на апликациите е 8 мај 2019 година, најдоцна до 17:00 часот.

Апликациите се доставуваат на адреса: Граѓански ресурсен центар – ГРЦ, ул. „Кирил и Методиј“ бр. 50, реон 7, 1000 Скопје (наспроти дирекцијата на НЛБ Тутунска банка Скопје), и тоа по пошта (исклучиво со препорачано писмо), по курир или со лична достава.

Целосните информации во однос на целите и очекуваните резултати од повикот, условите за аплицирање, подобните активности и начинот на аплицирање може да ги најдете во упатството за аплицирање. Самата апликација се состои од:

  • Формулар за аплицирање;
  • Буџет;
  • Копија од тековната состојба (не постара од шест месеци) од денот на поднесување на апликацијата (од главниот апликант и партнерската организација).
  • Копии од наративните и финансиските извештаи за претходната година (од главниот апликант и од партнерската организација);
  • Професионална биографија (CV) на персоналот од партнерската организација кој ќе ја спроведува менторската поддршка за главниот апликант.

Доколку имате проблеми околу преземањето на формуларите за аплицирање и/или имате дополнителни прашања поврзани со повикот, може да се обратите преку е-пошта на jch@mcms.mk со назнака: Референтен број: 11-85/2-2019.

Повикот ќе биде детално презентиран на четири информативни сесии и тоа:

  • на 15 април (понеделник) 2019 година во Скопје во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар од 12:00 часот,
  • на 18 април (четврток) 2019 година во Струмица од 12:00 часот,
  • на 19 април (петок) 2019 година во Кичево од 12:00 часот и
  • на 22 април (понеделник) 2019 година во Битола од 12:00 часот.

Точните локации на информативните сесии ќе бидат дополнително објавени.

Ве молиме, доколку сте заинтересирани да присуствувате на некоја од најавените информативни сесии, најавете го своето присуство на info@rcgo.mk, најдоцна до 11 април 2019 година. Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.