Предизборен форум во Штип: Во пресрет на локалните избори, граѓаните ќе им ги предочат приоритетите на политичарите

Кандидатите за градоначалник на Штип овој петок на предизборен форум ќе се запознаат со прашањата, чие решавање е приоритет според граѓаните. Настанот на кој граѓанскиот сектор ќе дискутира со кандидатите го организира Здружението на граѓани „Медиа плус“ во Мултимедијалниот центар Канал 77 со почеток во 11 часот.

Овие одредени граѓански приоритети ќе им бидат предадени на кандидатите на претстојните локални избори, кои потоа можат да ги земат предвид во својата програма за работа. Претставниците на политичките партии, учесници во локалните избори, по одредувањето на граѓанските приоритети, ќе можат да ги изложат своите предлог решенија и ставови.

Основа за одредување на овие граѓански приоритети е анализата од претходно спроведената анкета, на која граѓаните утврдија поширока листа на приоритети во општина Штип.

Откако ќе поминат сто дена од формирањето на локалната власт, „Медиа плус“ ќе организира и две јавни дискусии за реализација на граѓанските приоритети на кој граѓаните ќе дискутираат со градоначалникот, советниците и политичките партии учесници во локалните избори.

Во јули годинава, Здружението организираше и медиумски појадок каде ги соопшти резултатите од анализата за граѓански приоритети.