Половина дојранчани живеат со септичка јама

Во езерскиот Дојран, каде туристите почнуваат да враќаат, проблем се водите. Но, оние отпадните, особено поради нерешениот главен и суштински недостаток на канализација и колектор за одвод на отпадните води. За отпадните води со децении не се нашло решение.

Канализациската мрежа не ги покрива потребите на гражаните, а не пак приливот на туристи, кога градчето со 800 жители, одеднаш станува пртостор каде на едно место ќе се најдат и по 20.000 корисници. Граѓаните на Дојран во нашата анкета, ова го детектираа како главен приритетен за решавање. Што друго им е приоритетно на граѓаните, а што до сега направила општината, истражуваше Роза Шулева.

Половина од жителите во населените места Стар и Нов Дојран се’ уште не се приклучени на канализациона мрежа, па фекалните води им завршуваат во септички јами. Проблемот на недоизградената секундарна мрежа се провлекува од 1988 година кога во рамките на тогашната Социјалистичка Република Македонија се изградил само главниот колектор за Дојранско Езеро. Денес жителите од овие две населени места се уште се соочуваат со проблеми со отпадните води.

– Ние од 1983 година имаме куќа, ама во 21 век уште сме со септичка јама. Тоа е проблем – мириса јамата, се полни, не знаеме каде да се обратиме. Кажавме на неколку места, изјави жителка на Стар Дојран.

– Јас сум тука шест години и го имам проблемот со канализација, затоа што јамата кај што е, долу е карпа, плоча и водата извира надвор. Што значи се загадува улицата и ми се загадува дворот. Се имам обратено до оштината усмено, ни рекоа „во предвид сте“. Цела улица е проблем. Горе ако отидете на улицата, ќе газете во фекалии, се пожали дојранчанка.

По речиси 30 години главниот колектор се наоѓа во состојба пред реконструкција, а според податоците од општината, во Нов и Стар Дојран денес се изградени приближно од 50 до 60 проценти од секундарната мрежа. Според градоначалникот на Општината Стар Дојран Борче Стамов, Општината неодамна ја завршила реконструкцијата на пречистителната станица, а на ред е главниот колектор за кој во постапка е тендер за избор на фирма која ќе ги реконструира десетте шахти и постави нови потопни пумпи со поголем капацитет.

– Тоа е еден постар проблем и почнавме од изградбата на прочистителна станица и тоа е веќе завршено со проект за прекугранична соработка со општина Кукуш, Грција во износ од 340.000 евра, целосно е реконструирана и ставена е во функција. За втора фаза беше потребна целосна реконструкција на главната канализациона линија. Веќе е во тек тендер и потоа, за 30-40 дена, тие ќе бидат вградени и реконструирани, изјави градоначалникот Стамов.
Според Стамов, општината за секоја година имаме изработено акционен план од кој се знае точно на кои улици ќе се работи на изградба на канализациона мрежа.

 

– Како такви, може да ги најавам улицата „Никола Карев“ во Стар Дојран во должина од 500 метри и проширување на канализационата мрежа на влезот во Нов Дојран, рече Стамов.
За влијанието на отпадните води врз околината, а пред се’ врз еко системот на Дојранско Езеро предупредува и екологистот од Македонското еколошко друштво, Ѓорѓе Иванов, кој објаснува дека токму загадувањето на водите е причина за исчезнување на живиот свет во езерата.

– Надлежните институции, општините, Министерството за животна средина, мораат да водат поголема грижа како се третираат отпадните води, околу езерото, дали има соодветни прочистителни станици, дали е функционална канализациската мрежа, каков е типот на земјоделието наоколу езерото, дали неконтролирано се користи агрохемија… Во Охрид веќе има забрана за користење на детергенти во домаќинството, изјави Иванов.

Според Иванов, враќањето на водата во Дојранското Езеро во последниве години помогнала да се вратат и одредени видови, а дел се веројатно неповратно изгубени со еколошката катастрофа која го снајде Дојран пред 15-тина години.

Во надлежност на општината, според законот за локална самоуправа се комуналните дејности каде спаѓа снабдувањето со вода за пиење, испораката на технолошката вода, одведувањето и пречистувањето на отпадните води како и одведувањето и третманот на атмосферските води. За оваа услуга граѓаните плаќаат надоместок што го одредува Советот на општината. Во Општината Дојран засега единствениот главен колекторски систем по целата должина на брегот од македонска страна, со основна цел заштита на Дојранското Езеро..