Новогодишни желби на активистите ја закитија елката на Граѓанскиот ресурсен центар во Штип

Втора година по ред, Граѓанскииот ресурсен центар од Штип приреди новогодишна средба за активистите од граѓанскиот сектор, младите иницијатори на промени, како и граѓани, кои се редовни посетители на настаните и случувањата во овој Центар. „Услов“ за учество, беше секој учесник во настанот да донесе своја новогодишна креација, која потоа заврши на елката, која ввусшност е чемпрес, кој ќе биде засаден во центарот на Штип, каде најчесто се собираат младите луѓе. Пораките, кои во вид на лампиони се закачија на елката, содржат желби за среќна и успешна година, за успешни граѓански проекти, кои ќе водат кон позитивни општествени промени.

На овој настан предтходееше работилница, на која учествуваа 21 ученик од осмо и деветто одделение од три основни училишта (ООУ „Димитар Влахов“ – Штип, ООУ „Тошо Арсов“ – Штип и ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци) со по 1 наставник.

Учениците на работнилницата,  донесоа рачно изработени украси од рециклирани материјали за новогодишната елка, со кои ја украсија.

Работилницата имаше неколку цели: учениците да научат за волонтерството (клучни карактеристики) и да се охрабрат да волонтираат; да се информираат за граѓанскиот сектор и граѓанските организации; да се поттикнат да размислуваат како преку волонтирањето може да допринесат кон заштитата на животната средина; и, да се отвори простор за учениците од различни училишта да соработуваат и да се дружат.

Во рамки на работилницата, покрај информирањето за граѓанските организации преку кратко претставување на работата на Ресурсниот центар, и, кратката презентација за волонтерството (основни дефиниции, карактериски…), учениците многу повеќе време имаа за дискусии, заедничка работа и дружење. Тие, преку интересни игри за запознавање беа поделени во групи (во секоја имаше ученици од сите 3 училишта) и имаа можност да споделат различни приказни и информации за себе, а потоа и да работат заеднички на различни теми/прашања (1- Зошто треба да се грижиме за природата?/ Зошто треба да се заштити животната средина?; 2- Кога волонтирам, не добивам пари… тогаш, зошто да волонтирам?; 3- Како јас можам да помогнам во заштитата на животната средина?/Што јас можам да направам?; и 4- Како волонтерите помагаат и допринесуваат во општеството?). Секоја група направи постер презентација и ги презентираше размислувањата за соодветната тема пред останатите ученици.

Учениците заминаа со подароци од Ресурсниот центар (тетратка, молив и календарче), со многу позитивни впечатоци од дружењето во ГРЦ Штип, нови знаења и мотивација да се вклучат во нови волонтерски активности…