Здружението „Медиа плус“ со нов проект ќе го зголемува граѓанското учество во следењето на работата на локалните власти

Со институционална поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, Здружението на граѓани „Медиа плус“ реализира проект, кој ќе им овозможи на граѓаните да учествуваат во следењето на предизборниот, изборниот и постизборниот процес за време на локалните избори годинава. Проектот се фокусира на изборните програми и ветувања во корелација со отвореноста и отчетноста на Советот на општината и градоначалникот.

Реализацијата на проектот веќе е започната со онлајн анкета на која граѓаните може да се изјаснуваат за приоритетните прашања во нивната општина. Откако ќе се селектираат најгорливите граѓански прашања, „Медиа плус“ ќе организира предизборен форум, каде граѓаните ќе дебатираат со кандидатите за градоначалници и советници, од што треба да произлезат конкретни граѓански предлози кои би влегле во нивните програми. Двата најприоритетни предлози ќе селектираат два граѓански приоритети за кои ќе се дискутира на јавни дискусии.

Овие настани ќе резултираат со конкретни акции и предлози за надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, а сето тоа срочено во документ ќе и’ биде предадено на локалната власт.

Зајакнувајќи го и својот капацитет за следење и ангажман во локалната демократија, „Медиа плус“ ќе соработува и со локалните новинари и медиуми како тн. кучиња чувари ќе го набљудуваат дефинирањето и реализацијата на граѓанските приоритети.

Откако ќе поминат сто дена од формирањето на локалната власт, Граѓанското здружение ќе организира и втора јавна дискусија,односно форум, на кој граѓаните во он-лајн комуникација ќе дискутираат со градоначалникот, советниците и политичките партии учесници во локалните избори.

Завршувањето на проектот ќе го означат медиумските продукти кои ќе известуваат за тоа дали и кои активности ги презеле локалните власти, по препорака на граѓаните, со што ќе може да ја демонстрираат отчетноста и транспарентноста во своето работење.

Партнери во овој проект се Националната радио мрежа Канал 77, (www.kanal77.mk) , Македонски Медиа Сервис (www.mms.mk) и Моја Општина (www.mojaopstina.mk).