За 13 години долгот на општините пораснал за 56,3 милиони евра

Над 48 милиони евра се долговите на 20- те најзадолжени општини, кои до септември 2017 години беа со блокирана сметка по една и повеќе години. Речиси две третини од долгот на дваесетте најзадолжени општини отпаѓа на три општини – Охрид(20,5 мил.евра), Куманово(3,5 мил.евра) и Тетово(10,4 мил.евра). Владата предложи закон, а Собранието на Република Македонија го донесе, со кој се обезбедуваат околу 50 милиони евра, но за сите 80 општини и Град Скопје. За некои добар потег, за други, поттикнување на неконтролираното трошење и простување на расипништвото во општините, кои работеле по својата „листа на желби“ без покритие.

Според документите од општините, што Здружението „Медиа плус“ доби преку Законот за слободен пристап до информации, долгот на 19-те најзадолжени општини до 30.06.2018 година изнесува 48.188.378 евра. Во овој износ не се пресметани долговите на јавните претпријатија и општинските устанoви.

Од друга страна, Министерството за финансии објави дека заклучно со 30.09.2018 година, сите 80 општини и Град Скопје должат 81,3 милиони евра или 5 милијарди денари. Институциите основани од единиците на локална самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита должат 15,4 милиони евра, или 950 милиони денари. Најдобра илустрација за трошењето на општините се податоците на Министерството за финасии, според кое, вкупниот долг на ЕЛС во 2005 година бил 25 милиони евра вклучувајќи го и долгот на јавните комунални претпријатија, што заедно сочинува 3,3 % од вкупниот долг на државата. За 13 години тој долг пораснал за 56,3 милиони евра, па во септември 2018 година изнесува 81,3 милиони евра.

Што се однесува до 20-те најзадолжени општини, според податоците кои ги добивме и анализиравме, покажуваат дека општините граделе, реконструирале и изведувале работи што потоа не можеле да ги платат. Наталожиле долг што ги довело до тоа да работат со блокирана сметка со години, а некои како Охрид повеќе од деценија. Други повеќе од половина од својот буџет го трошеле на плати, па им останувало малку да ја реализираат програмата. Без исклучок најголемите задолжувања стигнувале во или по изборната година, кога новите градоначалници ги добивале фактурите за плаќање на своите претходници. Најголеми се долговите на општините во 2013 и 2014 година и во 2017 година. Има општини кои ги задолжиле своите јавни претпријатија, не плаќајќи им за услуги и други работи, додека има и спротивен случај, кога општините одвојувале пари како субвенција на јавните претпријатија. Меѓу 20-те општини карактеристичен е случајот на Куманово, кога долгот на општината е многу помал од тој на јавните претпријатија што ги формирала, па сега општината ги отплаќа нивните долгови. Општината Куманово, има обврски од 182,7 милиони денари, додека петте претпријатија заедно околу 600 милиони денари.

Генерално, општините трошеле многу повеќе пари од тоа што го имале или успеале да го соберат, а при тоа вработувале и ја полнеле општинската администрација, при што повеќе од половината буџет го одвојувале за плати.

Случаите со Охрид, Куманово и Тетово

Речиси две третини од долгот на дваесетте најзадолжени општини отпаѓа на три општини – Охрид(20,5 мил.евра), Куманово(3,5 мил.евра) и Тетово(10,4 мил.евра).
Општината Охрид е со блокирана сметка од 2005 година и долг од 20,5 милиони евра. Општината преку извештаите презентирани на седниците на општинскиот Совет, соопшти дека има многу утужени решенија, но не се знае точно колку. Поради тоа, формирана е комисија, која работи на утврдување на состојбата со утужените решенија, каматите и неплатените обврски.

Само Меѓуопштинското претпријатие Прокава годишно е со загуба од 52 милиони денари. До крајот на 2014 година загубата изнесувала 132 милиони денари. Сега се води постапка за поделба на ова јавно претпријатие на три дела.

Актуелниот градоначалник Јован Стојановски на прес конференцијата на 30 -ти јануари, по повод сто дена од преземањето на општината, рече дека „Охрид дневно губи по 10.000 евра, односно по две вработувања се губат секојдневно и тоа само според финансиските долгови“. Стојаноски кажа дека треба рефинансирање, а проблем е и материјалниот долг. Не се наплатени комуналиите, трошоците за уредување на градежно земјиште. Од доверителите, во преговорите, бараат да им ги простат каматите, а и дел од долгот.

Општината Куманово 2017 година ја завршува со долг од 220 милиони денари или над 3,5 милиони евра. Во февруари 2018 достигнува 221,7 милиони денари. Куманово работи со месечен лимит од 37.2 милиони денари за нормално фукционирање на општината со 5 јавни претпријатија со обезбедување на плати и други трошоци. Се’ што стигнува над тој износ завршува кај доверителите, кои имаат извршни решенија. Работи комисија за комплетна проверка на побарувањата и уште една за проверка на долговите од данок на имот од граѓаните и правните лица. Ангажиран е даночен извршител.

Овие информации беа јавно кажани на седница на Советот на Општината кога се разгледуваше завршната сметка за 2017 година. Според кажаното, долгот на општината е далеку помал од долгот на сите пет јавни претпријатија, кој изнесува 820 милиони денари или околу 13,3 милиони евра. Општината, како основач на јавните претпријатија, презела дел од долговите, а враќа и кредити. Блокирани се ЈП Куманово паркинг и ЈП Водовод. Одблокирано е ЈП Чистота и зеленило со гаранција на општината со хипотека. Ова претпријатие беше блокирано од УЈП за неплатен ДДВ. Со загуба работи и ЈП Водовод со 406 милиони денари загуба, а во исто време има 395 милиони ненаплатени побарувања.

Помалите општини должат за патишта, згради, лоши проекти

Индикативен е случајот со Општината Ранковце(долг 12,8 милиони денари). Растот на обврските почнува со направен долг за делумно неуспешен проект за изградба на Противпожарен дом, проект од прекугранична соработка со Бугарија.

Општината Ранковце должи и на членовите на Советот, на кои во периодот од 2013-2017 година им исплатил надоместок само за една година. Советниците тужеле и со неплатениот надоместок, добиле и камати. Секој советник поединечно добил по 30-40.000 денари само за камати.

Во Општина Сопиште(долг 42,3 милини денари), последните години, главно се препишувале долговите кон одредени доверители. Меѓу нив и кон актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, кој како адвокат од Општината Сопиште се’ уште чека да наплати 102.534 денари, а завршена работа во 2013 година. Во 2017 и 2018 година со барање за наплата се јавуваат две извршителки. 45,8 милиони денари е извршното решение на Снежана Фитеска, додека на извршителката Катерина Кокина – 2,4 милиони денари. Фитеска во 2018 година се уште не ги наплатила сите пари, но дел успеала и го намалила износот на 33,6 милиони. Сопиште должи 32 милиони денари на Министерството за финансии, како подзаемодавач врз основа на кредитна линија . Според амортизациониот план полугодишните рати од два милиони денари почнуваат од февруари 2019 година.

Општина Неготино во љубов со медиумите

Со дури 12 медиуми, национални и локални, печатни и електронски, Општина Неготино (долг 65,2 милиони денари)имала деловни односи во изминатите години, вклучувајќи ја и 2018 година. На дел им должи, но дел успеале да си ги наплатат услугите. Меѓу медиумите, чии фирми се на финансиските картички за 2018 година на Општина Неготино, се ТВ 24 Вести, Вечер прес, телевизијата од Кавадарци КТВ, потоа весникот Слободен печат, Коха, МТВ, Адриа медиа груп, ТВ Ка4, радио Кавадарци и радио Плус, а на листата на медиуми на кои должи е и фирмата на Срѓан Керим во стечај, Медија принт Македонија.

Во Општината Долнени (долг 13,6 милиони денари) се менувале градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ и ДИУ. Тоа што со општината управувале градоначалници кои доаѓале од владејачки партии, многу не им помогнало да се решат од долгот.

Со кредити и грантови се остварувале некои од поголемите проекти, а кредит е земен и за уредување на селски парк и спортско игралиште. Во 2013 година долгот е на најниско ниво од 2,3 милиони денари, за веќе во 20145 година да се зголеми десет пати и изнесува 24,5 милиони денари. Во јануари 2018 година, со доаѓањето на новиот градоначалник, неплатените обврски изнесувале 49,1 милион денари. Во јуни тој износ е намален на 13,6 милиони денари.

Долгот на општината Врапчиште(долг 140 милиони денари) контиунирано растел од 2013 година за по само 4 години да се удвои. Со доаѓањето на новиот градоначалник, веќе во 2018 година да достигне 140 милиони. Во 2013 година долгот е речиси колку годишните приходи во општинскиот буџет. Ако во 2013 година, приходниот дел на буџетот изнесувал 74 милиони, долгот на Општината изнесувал 67 милиони. Каде должи, општината не даде податоци.

Општината Зрновци (долг 8,9 милиони денари) е блокирана од 2008 година. Најголемиот дел од обврските се однесуваат на неплатена камата за задоцнето плаќање на главниот долг и дел од процесни трошоци кон ГП Гранит од Скопје. Долгот целосно е платен, но во 2008 година општината е блокирана со извршно решение од 8,1 милион утужени обврски кон Гранит. Со текот на годините е плаќан дел од тие обврски, со што и износот се намалува, но не е целосно исплатен.

За илустрација, долгот во 2014 година е 9,1 милион денари, од кои 7,9 милиони се утужени обврски.

Живот од донатори

Има и случаи кога општината е блокирана, а сепак успеала да живее од донатори. Општината Карбинци(долг 16,7 милиони денари) со години има значаен процент од годишниот приход од странски донации по пат на проекти. Процентуално, 16% од општинскиот буџет го чинат странски донации, а 15% од буџетот се одвојуваат за плати на вработените.

Што значи, грубо пресметано, проектите обезбедувале пари за плати за сите вработени. Најнискиот износ на долгот бил во 2012 година,(6,3 милиони денари) за во 2016 да порасне осум пати и да достигне 56,3 милиони денари.

За сите општини важи оценката дека имале преобемни планирања на буџетот, по што се превеле ребаланси со намалување на предвидените износи по ставки. Некаде тоа планирање отстапувало од 30-50 отсто. Поради тоа неодамна владата предложи закон со кој ги ограничува општините да можат да го зголемуваат буџетот за најмногу 10% од претходната година. Општините потфрлувале во собирањето на данокот на имот, а многу често и во продажбата на градежно земјиште.

На 13 ноември 2018 година е донесен Законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа и единки корисници основани од единиците на локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, со кој од Буџетот на Република Македонија се издвојуваат околу 50 милиони евра, за отплата на 51 отсто од долговите, без тие на јавните претпријатија. Секоја општина добива различен износ во зависнот од големината на долгот.

Законот ја обрзува општината да распише повик за пријавување до компаниите да го пријават побараувањето од општината. Потоа се склучува спогодба, а предност ќе имаат компании кои ќе се откажат 15 отсто од долгот и од целиот износ на каматите.

За едни фер работа, за други поттикнување на неодговорното работење на градоначалниците. Засега, ретко кој го споменува зборот одговорност за лошото трошење на граѓанските пари.

За тоа како работеле општините повеќе на линкот: https://mediaplus.org.mk/podlupa

Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на здружението Медиа Плус,и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.